Странските инвестиции падни-стани

Bez autora
Jan 04 2013

Странските директни инвестиции минатата година се движеа по линија падни-стани. Октомври малку го подобри приливот на инвестициите по големата негатива претходните два месеци. Односно, во октомври лани Народна банка на Македонија евидентирала 16,4 милиони евра странски вложувања, откако во септември имало одлив од 33,1 милион, а во август 24,9 милиони евра. Според најновите месечни податоци на НБМ, во десетте месеци од 2012 година билансот на странски директни инвестиции изнесувал 50,6 милиони евра, што е далеку од очекувањата, но исто така го наметнува и прашањето дали годинава ќе продолжи ваквиот тренд. „Бројките околу приливот и одливот на капитал треба да се разгледуваат од повеќе аспекти“, вели директорот на Технолошко-развојните зони, Виктор Мизо. Според него, по основ на одливот на капитал можеме малку да направиме бидејќи станува збор за одлуки на приватни компании. „Треба да се концентрираме кон приливот на капитал“, вели тој...

Странските инвестиции падни-станиСтранските директни инвестиции минатата година се движеа по линија падни-стани. Октомври малку го подобри приливот на инвестициите по големата негатива претходните два месеци. Односно, во октомври лани Народна банка на Македонија евидентирала 16,4 милиони евра странски вложувања, откако во септември имало одлив од 33,1 милион, а во август 24,9 милиони евра.

Според најновите месечни податоци на НБМ, во десетте месеци од 2012 година билансот на странски директни инвестиции изнесувал 50,6 милиони евра, што е далеку од очекувањата, но исто така го наметнува и прашањето дали годинава ќе продолжи ваквиот тренд.

„Бројките околу приливот и одливот на капитал треба да се разгледуваат од повеќе аспекти“, вели директорот на Технолошко-развојните зони, Виктор Мизо. Според него, по основ на одливот на капитал можеме малку да направиме бидејќи станува збор за одлуки на приватни компании. „Треба да се концентрираме кон приливот на капитал“, вели тој.

Кога се анализираат странските вложувања во земјава минатата година, посебен акцент, според Мизо, треба да се стави на нивниот квалитет. Бидејќи, во земјава во овој период почнале со работа или, пак, стартувала изградбата на конкретни објекти кои не само што значат вложување капитал, туку и носат нови работни места и нова технологија и имаат голема додадена вредност. 

„Не станува збор за купување постојни капацитети од страна на странски компании, туку за конкретни и реални гринфилд-инвестиции“, вели Мизо, кој додава дека и оваа година Владата ќе продолжи со интензивни активности за анимирање на странските компании да инвестираат во Македонија. Една од тие активности е и учество на саем во Детроит наредните недели каде што ќе се остварат средби со компании со кои владините претставници веќе воспоставиле контакт на минатите роуд-шоуа. „Дали ќе дојде до конкретна зделка, неблагодарно е да се кажува, но многу е важно што контактите продолжуваат“, вели Мизо.

Економистите се резервирани и во поглед на прогнозите за нивото на странски директни инвестиции годинава. 
„Никој не може да одгатне што ќе се случува во Европа во целина, односно дали кризата ќе потрае и како ќе се развиваат настаните во Грција“, велат тие и додаваат дека приливот на капитал ќе биде ограничен. 

Инаку, според податоците на НБМ во првите десет месеци од минатата година во земјава вкупно влегле околу 147 милиони евра странски инвестиции, а се одлеале 96,7 милиони евра. Според податоците на централната банка, само грчките фирми кои работат во Македонија во првите осум месеци од минатата година префрлиле во матичната земја околу 70 милиони евра, или еден отсто од домашниот бруто-производ на земјава. Станува збор за префрлање на дивидендата, но и за кредитирање на матичните компании, беше тогашното објаснување на НБМ. 

Од податоците на НБМ може да се види дека во септември, кога имало едно од најголемите повлекувања на странски капитал од 31,9 милиони евра, 24,7 милиони отпаѓале на добивка, 15 милиони на побарувања и 7,9 милиони евра биле обврски на фирмите ќерки кон матичните компании. Повлекување имаше и во август (21,3 милиони) и во април (38,6 милиони евра).

НБМ презеде низа мерки со кои ја ограничи можноста домашните банки да даваат кредити на компании чии фирми мајки се во земји кои имаат низок бонитет. Но, кога станува збор за мерки насочени директно кон компаниите, таквите можности се многу поограничени. За критичарите на владината политика, нивото со странски инвестиции покажува дека Владата нема вистинска стратегија за привлекување странски инвеститори, како и дека на инвеститорите не им е доволно само да им се понудат ниски даноци и евтина работна сила. Врз имиџот на земјата како бизнис-дестинација сигурно ќе влијаат и настаните кон крајот на минатата година кога се носеше буџетот, сметаат тие.

За странските компании кои работат во земјава одлевањето на парите е природно и очекувано. На состанок на Советот на странски инвеститори кон крајот на минатата година беше посочено дека сите компании се профитно ориентирани и дека нивните матични фирми очекуваат поврат на дел од добивката. Тие смируваат дека, сепак, дел од профитот е реинвестиран во земјава. Тенденцијата на намалување на приливот на странски инвестиции според нив е поради состојбите во светската економија, а не структурните проблеми во земјава. 

Минатата година веројатно ќе се вброи меѓу најслабите според влезот на странски инвестиции. Во 2011 година влегле вкупно 336 милиони евра, а во 2010 околу 160 милиони евра странски директни инвестиции.

Министерот Зоран Ставрески во интервју за порталот економски.мк, оцени дека приливот на СДИ бил солиден имајќи ги предвид околностите. „Беа отворени 1.720 нови работни места, а се очекува да се отворат уште 4.000 нови работни места“, вели тој.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik